Copyright 2021 - Јавна Установа Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје
                                 Името на Установата гласи:                                 

„ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје“

Седиштето на Установата е во Скопје на ул. „Никола Вапцаров“ бр.11.


     Установата е основана со Одлука на Собранието на град Скопје број 8207/1 од 20.02.1969 година како Центар за социјална работа на општините на град Скопје и е запишан во судскиот регистар на Окружниот Стопански суд во Скопје, со решение УС бр.70/69 од 16.06.1969 година.

    Согласно Одлуката за утврдување на мрежата на јавните установи за социјална заштита бр. 41-2743/1 донесена од Владата на Република Македонија на 1.05.2013 година (Службен весник на Република Македонија бр.67/13), Установата продолжува да работи како јавна установа за социјална заштита-центар за социјална работа со следниов назив  ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје со надлежност за подрачјето на градот Скопје и општините на град Скопје.

     Во правниот промет со трети лица Установата истапува во свое име и за своја сметка.

     За своите обврски одговара со сите средства со кои располага и со кои се користи-целосна одговорност. 

     Печатот и штембилот на Установата се со пропишана форма и големина.

     Печатот има облик на круг со пречник од 40 мм, во кој кружно е испишан текст:

     ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, а во средината на печатот е грбот на Република Северна Македонија.

     Установата може да има повеќе печати со иста содржина, кои се нумерирани.

     Штембилот има форма на правоаголник со ист текст како печатот, со тоа што се остава празен простор за впишување на бројот на актот, на другите писмена и на датумот на неговото издавање.

     Со печатот и штембилот располага и го употребува директорот или лице овластено од Директорот.

     Установата е јавна установа за социјална заштита со јавни овластувања, заради вршење на работите од социјалната заштита. Надлежноста и дејноста се утврдени со Законот за социјалната заштита, Законот за заштита на децата, Законот за семејството, Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, Законот за правда за децата, Законот за азил и привремена заштита, Закон за социјална сигурност за старите лица, Кривичниот Законик, Законот за кривична постапка и другите законски прописи.

     Развивањето и спроведувањето на вонинституционални облици на социјална заштита и други дејности се остварува согласно Закон, Одлуки на управниот одбор, спроведување на програми и други општи акти од областа на социјалната заштита, донесени и финансирани од општината, експериментални и развојни програми, како и преку спроведување на истражувачка работа во оваа област.

     Центарот за социјална работа ги врши следниве работи:

  • решава за правата од социјална заштита утврдени со Законот за социјалната заштита и тоа: гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок на плата за скратено работно време, додаток за домување, траен надоместок и еднократна парична помош.
  • решава за правата утврдени со Законот за заштита на децата и тоа: детски додаток, посебен додаток, еднократна парична помош за новороденче,  родителски додаток за дете, додаток за образование, партиципација;
  • решава за парична помош на лица со признаен статус на бегалец и под супсидијарна заштита, утврдени со меѓународна и привремена заштита;
  • решава за работите утврдени со прописите за семејно-правните односи;
  • решава за правото утврдено со Законот за социјална сигурност за старите лица,
  • постапува по работите од својата дејност утврдени со прописите од кривичното право и
  • врши и други работи утврдени со закон.

     При спроведувањето на социјалната заштита, како и стручната работа, центарот:

  • врши информирање и упатување на граѓани во однос на остварување пристап до права од социјална заштита,
  • спроведува стручна помош и поддршка на поединец и семејство за надминување на социјални проблеми,
  • реализира мерки и активности на социјална превенција и советување на поединец и семејство заради спречување и ублажување на последици од социјални проблеми,
  • врши непосреден увид заради утврдување на фактичката состојба во домаќинството и потребите на членовите на домаќинството од социјална заштита,
  • презема интервенции за зачувување на семејство во криза од дезинтеграција заради спречување на одвојување на децата од биолошкото семејство и интервенции за создавање услови за враќање на децата во биолошкото семејство,
  • обезбедува пристап до услуги во домот, заедницата и вон семејството,
  • развива и спроведува услуги во домот и заедницата,
  • изготвува планови и програми за социјална заштита,
  • води евиденција и прибира документација за корисниците на социјалната заштита,
  • заштитата на децата и семејно-правната заштита и за применетите облици на социјална заштита,
  • поднесува извештај до Министерството согласно со закон,
  • применува и спроведува програми и други општи акти од областа на социјалната заштита, донесени и финансирани од општината, градот Скопје и општините во градот Скопје,
  • учествува во работата на советите за социјална заштита на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје и подготовката на социјалниот план на општината, градот Скопје и општината во градот Скопје,
  • учествува во работата на советот за социјална заштита на планскиот регион,
  • поттикнува, организира и координира волонтерски активности на граѓани, здруженија, фондации и хуманитарни организации во спроведување на програми за социјална заштита на подрачјето на општината, градот Скопје и општините во градот Скопје и
  • врши и други работи утврдени со закон.

     Установата може да ја прошири или да ја промени дејноста за која е основана само со одобрение на Владата.